Ристова: Правилен тренажен процес носи титули

Вардаровите пионерки се шампионките на Македонија, а за нивниот успех разговараме со нивниот тренер Драгана Ристова, поранешна репрезентативка на Македонија.

Најмладите наши ракометарки го освоија златниот медал во својата конкуренција во првенството на Македонија, откако триумфираа против врсничките од градскиот ривал Металург. Екипата е составена од девојчиња на возраст од 12 до 14 години, а годинава се натпреваруваа паралелно и во кадетската и во пионерката лига организирана од РФМ.

Пионерките се закитија со титулата на домашното првенство. Доказ дека сте најдобри во категоријата, но како изгледаше патот до тука?

„Се покажа дека сме на прав пат со тренажниот процес за оваа генерација, односно со начинот на кој се тренира, како и со начинот на кој се развиваат девојките. Сезонава се натпреварувавме и во постарата генерација, односно во кадетската конкуренција и не успеавме да стасаме до Ф4. Но, за девојките тие натпревари значеа многу за во пионерската лига. Таму целата сезона ја поминавме без никакви потешкотии, вклучително и во самиот Ф4. Мислам дека правилниот тренажниот процес што го спроведуваме со сестра ми Билјана Пецевска, а под контрола на Раул Гонзалес, се покажа дека е прав начин на тренинг и имаме навистина голем напредок од минатата година до сега.“

Покрај победничкиот трофеј на Ф4 турнирот Вардар ги освои двете од трите можни индивидуални награди. Андреа Седлоска беше прогласена за најдобар играч на Ф4 турнирот, а Јована Трајковска за најдобар голман.

„Сите девојки од екипата се подеднакво заслужни и за успехот на екипата, како и за поединечните награди. Целата екипа работеше и тоа е наш заеднички успех, зашто со тимска игра стигнале и до тие поединечни награди.“

Во Вардар сме едно големо семејство, што овозможува и размена на искуства со останатите тренери. Спомнавте дека пионерките ги тренирате заедно со Раун Гонзалес. Како таа соработка влијаеше на екипата и на вашиот пристап кон тренинзите?

„За мене и за сестра ми од голема помош ни е што Раул има желба да ни помогне, и нѐ учи на системот на работа што тој го спроведува. Прво ние ги учевме од него, и на крај успешно ги спроведовме кај децата сите тие работи што требаше да ги тренираат. Мене ми се допадна начинот на кој се тренира и како етапно напредуваат децата. За мене и за сестра ми, како и за оваа генерација, од голема корист е помошта и школото што Раул ни го дава. Мислам дека сезонава премногу научивме и од него има уште многу да се учи. И многу сме среќни, и јас и сестра ми, што тој е расположен и натаму да соработува со нас.“

Сезонава се натпреварувавте во две категории – кадетска и пионерската. Дали од почеток приоритет беше да се даде максимумот во пионерската категорија или тоа си дојде само по себе во текот на сезоната?

„Напротив, ние имавме големи шанси за Ф4 и со постарата генерација, кадетската. Но, од полуфиналето нѐ раздели само 1 гол. Иако девојките се две години помлади од оние кои се натпреваруваат во кадетската лига, а во однос на физичките карактеристики тоа е голема разлика, сепак од Ф4 не раздели еден гол. Борбата беше со Куманово, од кои во првата полусезона изгубивме со 6 гола, а потоа се реванширавме и ги победивме, но тоа не беше доволно за Ф4. Но, натпреварите во таа лига го покажаа нашиот напредок. Односно, во натпреварите со Металург во првата полусезона изгубивме со 15 гола, а во втората полусезона само со 4-5 гола, што е показател дека напредувавме. Имавме квалитети и за таа кадетска лига, и вклучувањето таму не беше само да се калемат децата и да собираат искуство. Една година е долг тренажен процес и затоа сакавме да играме во кадетска, да се види нивниот напредок.“

Минатата година во екипита се приклучија единствено талентите кои ги следевте на натпреварите од Вардар Јуниор лигата и турнирот „Еден живот, една љубов”. Како се прави селекцијата?

„За нас најважни се потенцијалот, спортската интелигенција и знаењето што го поседува детето. Девојките кои ни се приклучија лани, досега многу напреднаа. Ако се погледне нашето играње лани во овој период и сега, се забележува дека сме на многу понапредно ниво. Секое девојче кое не ги совладало сите овие работи, ќе заостанува, и како што вели Раул – немаме магично стапче за преку ноќ некој да стане дел од екипата. Ќе треба да работи многу повеќе за да го надомести она што го пропуштила во изминатава година.“

Какви се плановите за оваа година во однос на селекција во оваа генерација?

„Нема да има промени, иако не ја исклучувам можноста сепак да се вклучи некое девојче. Ова се девојки кои веќе две години напорно тренираат, и ако се појави квалитетно девојче може и во текот на сезоната да се приклучи, но тоа треба да биде некој што може да го следи напредокот до каде сме. Засега немаме големи промени.“

Ако направите една паралела со вашето лично искуство, дали цените дека овие млади девојки се подготвени за сите жртви кои ракометот ги бара за една успешна репрезентативна кариера?

„Самата ракометна атмосфера во Македонија е многу променета од времето кога јас тренирав. Ние игравме зашто ја сакавме играта, и ако успееме, тоа е тоа. Но, сега се поинаку поставени работите. Од семејството имаат притисок дека треба да се трудат зашто се дел од Вардар, кој е поим за место каде се игра најдобар ракомет, и се подготвуваат по секоја цена да станат врвни спортисти. И ние со Раул ги воспитуваме да не си го губат времето и ако сакаат да се занимаваат со ова, да се залагаат максимум. Има мал број девојки за кои се гледа дека не се даваат максимално, но голем е бројот на девојките кои си ја разбраа работата професионално. Уште од сега се однесуваат професионално.“

loading...

КОМЕНТАРИ