Македонските готвачи доминираа на гастрономскиот натпревар во Србија

Најдобар гулаш зготви тимот на Македонската Асоцијација на Готвачи и Шефови на кујни – ГастроМак, со што се закити со златен медал во екипно натпреварување и со пехар за најуспешните во 2017 година, на традиционалната Гулашијада, одржана во Јасеново, соседна Србија.

ГастроМак, предводен од претседателскиот тим – Адријана Алачки, шеф Љупчо Гиевски и гастрономските WACS (Светската Асоцијација на шефови на кујни) судии Бесим Латифи и Јетон Таравари, со својот натпреваувачки тим – шефовите Велимир Илиевски, Игор Атанасовски, Миле Неделковски и капитенот Бобан Билбиловски, беа дел од годинешната, трета по ред, манифестација Гулашијада, во Јасеново, Србија која се одржа изминатиот викенд. На манифестацијата, на која присуствуваа еминентни гастрономски натпреварувачки и судиски имиња, беше зготвен и најголемиот казан со гулаш, кој што беше поделен за сите посетители.  Натпреварот беше од хуманитарен карактер.

“На наше огромно задоволство, подготвениот гулаш од тимот на ГастроМак, имаа можност да го вкусат еминентните гости на натпреварувањето. Оценките што ги добивме и од судиите и од гостите, нè  мотивираат, но и нè обврзуваат и понатаму достојно и успешно да ја претставуваме Асоцијацијата и традиционалните вредности на македонската кујна, секаде каде што настапуваме”, вели шеф Билбиловски.

На Гулашијадата имаше натправарувачки тимови и судии од Србија, од Македонија, од Босна и Херцеговина, од Романија и од Италија, а

главен организатор на оваа традиционална манифестација е Мастер шефот од Швајцарија, Јовица Ѓурџевиќ – Јоле.

Македонскиот тим ја искористи оваа можност и да ги покани сите тимови од земјите учеснички на Гулашијадата да бидат дел од Вториот интернационален гастрономски натпревар – ГастроМак Македонија 2017, што ќе се одржи од 24 до 28 октомври, во хотелот Вила Парк, во Струмица, на кој, според најавите ќе учествуваат над 300 судии, натпреварувачи и гости ширум светот.

ГастроМак е национална асоцијација на готвачи и шефови на кујни во Македонија. Како национално здружение, ГастроМак ексклузивно ја претставува нашата држава како единствен претставник на Македонија во WACS, во која што членуваат национални асоцијации од над 150 земји од светот.

loading...

КОМЕНТАРИ