Дали и новата Влада ќе ѝ контрира на Европската енергетска заедница?!

Владата подготвува ново одлагање на Законот за задолжителни нафтени резерви, што е во спротивност на препораките на Европската енергетска заедница кои предвидуваат итна примена на овој закон..

На веб-страницата на единствениот национален електронскиот регистар на прописи (ЕНЕР) е објавено дека  по барање на Министерството за финансии веќе е почнат процесот за подготовка на законските измени, чија цел е да се одложи примената на законот за уште една година.

Претходната власт во повеќе наврати ја одложуваше примената на законот, кој треба да воведе стандарди и пазарни принципи во складирањето на државните резерви од нафта и нафтени деривати. Тој за првпат беше одложен во 2014, при неговото донесување, за идната година уште еднаш, без објаснување и наспроти барањата на компаниите од нафтениот сектор и Европската енергетска заедница, тогашната власт да го пролонгира до 1 јануари 2018 година.

Сега, според објавата на ЕНЕР, и новата влада се подготвува да продолжи по стапките на поранешната власт. Како што е најавено, на предлог на Министерството за финансии, без јавен увид и јавна расправа, процедурата за законски измени ќе трае до 2 декември, а тие ќе го одложат стапувањето на сила на законот до 1 јануари 2019 година.

Токму ваквата практика и ваквиот однос на властите кон ова прашање беше повод за реакцијата на Европската енергетска заедница – во последниот извештај на ЕЕЗ за Македонија пишува дека земјава заостанува во исполнувањето на европските енергетски директиви, од кои зависи почнувањето на преговорите за членство на Македонија во Европската унија.

„Иако Законот од 2014 година претставува извесен напредок, неговото неспроведување и недонесувањето на подзаконските акти е неоправдано. Позаконската легислатива е критична, а имајќи го предвид стратешкото значење на системот за итни резерви, конечната одлука е на Владата“, се вели во извештајот на ЕЕЗ, објавен пред два дена.

Од Министерството за финансии велат дека побарале писмени мислења, забелешки и сугестии од засегнатите страни околу планираните законски измени. Од Владата најавија дека ќе објаснат зошто се носат спорните измени на законот, кои одат наспроти европските препораки.

На крај се поставува прашањето, дали државата со ваквото постапување, ќе остане без дрзавни резеви?

loading...

КОМЕНТАРИ