Ален Исламовиќ до максимум ја загреа атмосферата на Пиво фест во Прилеп

Некогашниот фронтмен на култната група „Бјело дугме“ синоќа во Прилеп, на втората вечер од Фестивалот на пиво до максимум ја вжешти атмосферата во градот под Марковите кули. Десетиците илјади посетители од цела Македонија и пошироко, кои ги имаше од најразлични генерациии, во еден глас повеќе од 2 часа заедно ги пееја хитовите како „Ружица си била“, „Липе цвату“, „Џурџевдан“, „Након свих ових година“, „Идемо у планине“ или уште многу, многу други.

Претходно публиката ја забавуваше македонската група „Нокаут“, која прославува 20 години од своето постоење и едно од најпознатите светски имиња на реге музиката Don Minott, кој беше придружуван од македонската група „Conquering Lion“. После настапите сите изведувачи беа видно возбудени од одличната и позитивна атмосфера која синоќа беше присутна на втората вечер од најголемата забава на Балканот.

„Имавме одличен концерт, мислам дека добро свиревме, пивото и рокенролот одат заедно многу добро. Публиката беше одлична, сите се забавуваа многу добро, пееја сите заедно, немам што да додадам ниту што да одземам, едноставно беше прекрасно, јас сум презадоволен“, рече Ален Исламовиќ, екс фронтмен на „Бјело дугме“.

Реге музичарот Don Minott од Јамајка истакна дека главната порака која ја испратил до публиката била „Единство“, исто така нагласи дека многу ја сака Македонија која ја имал посетено 3 пати. Од „Conquering Lion“ кој го придружуваа Don Minott рекоа дека реге музиката добива се поголема публика во Македонија.

„Ова е мој трет пат да ја посетам Македонија, бев тука во 2013 и 2014 година и еве сега повторно сум тука. Многу ја сакам Македонија, ги сакам луѓето кои живеат тука, храната е одлична, јас јадам многу зеленчук што тука го има во изобилство. Сакам буквално се што е поврзано со Македонија. Мојата главна порака која вечерва преку мојата музика ја испратив до публиката беше „Единство“, јас доаѓам од Јамајка, сум живеел во гето, и многу добро ја знам таа борба на Македонците што ја водат сега за себе и нивно издигнување пред светот“ кажа, Don Minot.

„Ова е трет светски познат реге артист која доаѓа на Пиво фест во Прилеп на ова 15-то јубилејно издание. Ова е исто така еден голем настан да ја промовираме реге музиката во Македонија. Во принцип малку по малку Македонија добива се поголема реге публика, а доказ за тоа дефинитивно е ова што се случи вечерва на Пиво фест“, вели Стефан Илиоски, „Conquering Lion“.

Македонската група Нокаут, која слави 20 години од своето постоење, нагласи дека ова е еден од подобрите пивски фестивали во цела Европа.
„Прекрасно беше чувството да се настапува на еден од подобрите пивски фестивали во Европа. За прв пат сме на овој фестивал, Нокаут секогаш оди со добро пиво, забавата беше одлична и имаше фантастична атмосфера. Оваа година за нас е јубилејна славиме 20 години Нокаут. Сакавме да направиме и еден голем концерт во Скопје, но се одлучивме за една турнеја низ Македонија, ќе имаме околу 20-тина настапи. Шириме љубов, не се занимаваме со глупости и даваме се од себе народот да биде среќен и да има пред се добра забава“, кажа Никола Перески, фронтмен на „Нокаут“.

Прилеп е преполн со посетители од сите градови. Во хотелските капацитети скоро и да нема место. Исто така преполно е и на Паркот на Револуцијата каде веќе со години се организира бесплатен кампинг за сите оние сакаат да уживаат во Пиво фест од една поинаква перспектива.

„Јас сум прв пат тука, доаѓам од Скопје, одлично е, супер е организииран кампингот. Синоќа бевме долу во центарот на градот каде си поминавме одлично, се надевам дека вечерва ќе биде уште поубаво“, вели Марјан Николовски, кампер од Скопје.

„Веќе 5 години доаѓам тука во кампот. Можам да кажам дека бината долу ми е втор план кога доаѓам на фестивалот, поинтересна и подобра ми е дружбата тука на Могила, се запознаваме меѓу себе, се дружиме, не има од сите градови на Македонија, а исто така има и странци. Навечер имаме гитарче, музика, пиво одлично е“, рече Дејан Богатиновски, кампер од Скопје.

Освен од Македонија, имаше туристи од повеќе држави и една поголема група од Белгија.

„Ние сме од Белгија, за прв пат сме во Македонија. Ние сме околу 20 луѓе, дојдовме на турнеја низ Македонија, а тука сме специјално за Пиво фестот. За овој фестивал слушнавме од едни наши пријатели кои биле тука пред 3 години и ни кажаа дека е прекрасно. Луѓето се прекрасни, многу се гостопримливи и забавата е одлична“, рекоа посетителите од Белгија.

И денеска, како и секоја година, кампериите добиваа бесплатна чорба, кафе и чај.

„Радува фактот што бројот на кампери секоја година се повеќе и повеќе се зголемува. Имаме кампери не само од Македонија туку и од цела Европа. Тоа се кампери од најразлични генерации, луѓе со поавантуристички дух кои решиле својот престој да го поминат токму тука. За да го направиме нивниот престој што попријатен им обезбедивме бесплатен кампинг, организаторот им овозможи бесплатно да ги паркираат своите возила, бесплатен појадок секое утро, обезбедени се сите хигиенски услови. Паркот изобилува со доста спортски содржини, а сега во негова близина имаме и Аква парк, така што неговата атрактивност е доста голема“, Александар Јованоски, Општина Прилеп.

Вечерва ќе настапат Елена Велеска, Анабела, а третата вечер од фестивалот ќе ја затвори Харис Џиновиќ.

loading...

КОМЕНТАРИ